Ладно цеденото масло од семе од пиперка Capsicum sp., фамилија Solanaceae претставува извор на голем број биоактивни компоненти, како фитостероли, каротеноиди, капсаициноиди, минерали, есенцијални масни киселини, токофероли, ретинол и многу други, вклучувајќи ја и групата на полифеноли. Полинезаситените масни киселини во овој тип на масло се застапени до 84%, додека најзастапена е линолеинската масна киселина со удел до 73%. Aктивните компоненти, аналози на витамин Е - како токофероли и токотриеноли, се застапени над 70% во маслото. Ладно цедените масла имаат предност пред рафинираните масла, бидејќи содржат повеќе антиоксиданти и биоактивни супстанции кои вообичаено се губат при процесот на рафинирање. Со техниката на ладно цедење, при која температурата не се зголемува над 50°C, маслото исто така ги задржува и своите специфични органолептички својства. Овие компоненти овозможуваат значајни здравствени придобивки, поради што се користат во традиционалната медицина и фармацијата за спречување или лекување на некои кардиоваскуларни и гастроинтестинални нарушувања, ревматизам и дијабетес, а наоѓаат примена и во козметологијата. Капсаицинот како главно активно соединение во семките од лута пиперка се продуцира со паренхимските клетки на плацентата во плодот од пиперка, на која се прицврстени и семињата. Тој може да се сретне како присутен во семето, но само поради физичкиот контакт на површината на семето со плацентата. Полинезаситените масни киселини придонесуваат за неговите потенцијални хидратантни ефекти врз кожата. Високата содржина на витамин С во ова масло го поттикнува производството на колаген (неопходен за здрава кожа), одржувањето на еластичноста на кожата и го намалува појавувањето на брчки. И покрај овие извонредни својства, капсаицинот сè уште ретко се користи како хербален лек, додаток во исхраната или во козметички цели.
Veselinova et al. (Sat,) studied this question.