Квалитетната и избалансирана исхрана на домашните животни претставува темел на добра здравствена состојба, благосостојба на животните и максимална продуктивност и репродуктивност. Главна цел на овој прегледен труд беше споредба на нутритивната вредност на крмните смеси кои се користат во интензивното свињарско производство за исхрана на различни категории свињи во тов за постигнување на максимални производни резултати согласно стандардите на модерното сточарско производство. За реализација на поставените цели беа споредени 5 типови крмни смеси кои се користат за исхрана на различни категории свињи во тов: претстартер, стартер, гровер, СТ 1 и СТ2. Содржината на протеини и масти постепено се намалува со зголемување на возраста на свињите во тов, започнувајки од 16% протеини и 5-6% маст во претстартерот кој се користи кај прасиња кои се одвикнуваат од цицање до 14% протеини и 2,5% маст во крмната смеса СТ2 која се користи за исхрана на свињите при крај на периодот на тов, пред колење. Содржината на протеин и лизин се намалува со зголемување на возраста во тов, бидејќи се намалува потребата за интензивен раст. Со зголемување на возраста во тов се зголемува процентуалната застапеност на влакната и јаглехидратите што придонесува да се намали цената на чинење на крмната смеса а истовремено се подобрува варењето и искористувањето на хранливите материи. Енергетската вредност на крмните смеси постепено се намалува со зголемување на возраста во тов за да се избегне прекуумерното таложење на масно ткиво. Правилната и избалансирана исхрана не е само предуслов за успешен раст на свињите, туку и за производство на здраво, безбедно и квалитетно месо што ги задоволува стандардите на современата прехранбена индустрија. Клучни зборови: исхрана, свињи, крмни смеси
Bogdanovska et al. (Wed,) studied this question.