Современите правни системи сè повеќе го напуштаат концептот на „исклучување од правна одговорност“ на правните лица, потврдувајќи ја нивната улога како значајни субјекти во правниот и економскиот живот. Под влијание на бројни меѓународни конвенции и појавата на нови и зачестени форми на колективен и транснационален економски криминал, се наметна и потребата од воведување на казнена одговорност на правните лица и систем на санкции што се прилагодува на природата на правните лица и го зафаќа нивниот имот, репутација и деловно работење. Со измените на Кривичниот законик од 2004 година, македонското законодавство го прифати концептот на корпоративна казнена одговорност. Сепак, недостасуваат истражувања за криминалитетот на правните лица, ефективноста и казнената политика на судовите кон правните лица како сторители на казнени дела, а не постојат ниту официјални статистички податоци за правни лица – сторители на казнени дела. Овој труд, врз основа на теоретска анализа и оригинални емпириски податоци од судската практика на целата територија на државата, прави преглед на казнените дела на правни лица, презентира податоци за бројот на правни лица – сторители на казнени дела и ја испитува казнената политика кон правните лица како сторители на казнени дела, вклучувајќи ги најчестите форми на криминалитет, видот и висината на применетите санкции. Потпирајќи се на добиените податоци и анализа, авторите се на став декa постои исклучително блага казнена политика и ретка примена на споредните казни кон правни лица, што ја доведува во прашање ефективноста и применливоста на концептот на корпоративна казнена одговорност.
Tusevska et al. (Thu,) studied this question.