Книгата Основните принципи во конзервацијата и реставрацијата на недвижното културно наследство, е резултат на мојата триесет годишна работа, како конзерватор на недвижното културно наследство. Од 1994 година со првата конзервација и реставрација на југозападниот одбранбен ѕид и јужната аголна кула од фортификацијата на градот Баргала па се до 2024 година, имам учествувано во стручни тимови за изработка на проекти и во реализација на истите. Првите години, како член на стручна екипа а подоцна и се до денес како раководител на реализацијата на конзерваторско реставраторски работи во Р. Македонија на археолошките локалитети: Средновековната тврдина Исар – Штип, Баргала – Карбинци; Кула – Калаузлија; Стоби – Градско; Скупи, Кале и Маркови Кули – Скопје; Вардарски Рид – Гевгелија; Цареви Кули – Струмица; св.Четириесет Севастиски Маченици – Банско; Кале – Крупиште; Кале – Виница; Градиште – Делчево; св. Петка – Пехчево; и во Р. Бугарија на археолошките локалитети Цари Мали Град – Белчин и Шишманово Кале - Самоков. Недвижното културно наследство, без разлика од неговата локација, сопственоста, функцијата, е дел од културниот идентитет на еден народ. Затоа треба сите да го почитуваат, негуваат и одржуваат. Целта на сите конзерваторски реставраторски работи е да се спречат понатамошните оштетувања и да се доведе објектот до фаза на презентација. Заштитата, конзервацијата и реставрацијата, на недвижното културно наследство, е условена од голем број на активности пред да започнат конзерваторските интервенции на објектот, во смисла на конзерваторски истражувања, анализи на градежниот материјал и изработка на проектот за конзервација. Во активностите во зависност од проектот, можат да се вклучат поголем број на стручни работници (археолози, архитекти, градежни инженери, историчари, етнолози, и други. Денес во голем број на земји, постојат институции, на кои основната дејност им е заштита на недвижното културно богатство, за жал бројот на стручните работници, кои се занимаваат со конзервација и реставрација се намалува и претставува еден голем проблем, за понатамошната заштита, конзервација и реставрација на спомениците на културата. Денес сме сведоци дека голем број на конзервации и реставрации наместо како во минатото да ги изведуваат институциите кои се задолжени за тоа, ги изведуваат градежни фирми со лиценци, без стручни луѓе за конзервација и затоа кај поголем број на објекти, констатирани се неправилни конзервации и реставрации кои отстапуваат од основните проекти, како на пример: погрешна градежна техника, лош избор на градежен материјал (камен, тула и малтер) и друго. Во многу мал број на земји, на универзитетите постојат студиски програми за конзервација и реставрација на недвижното културно наследство. Затоа потребно е универзитетите што поскоро да започнат со отворањето на програми, каде студентите ќе ја изучуваат конзервацијата и реставрацијата. Во книгата, се презентирани причините за оштетување на недвижното културно наследство, основните принципи во конзервацијата, предлог мерки за заштита на недвижното културно наследство, градежен камен, тула и малтери за конзервација и речник за конзерваторска терминологија. При пишувањето на книгата е користена стручна литература, од архитектура, историја на уметноста, археологија, конзервација и реставрација на недвижно културно наследство, градежништво, геологија, минерологија и голем број на извештаи од конзервација. Треба да напоменам дека постојат многу мал број на публикации од областа на конзервацијата и реставрацијата на недвижното културно наследство. Книгата основни принципи во конзервацијата и реставрацијата на недвижното културно наследство, воедно да биде и поттик на младите колеги (археолози, архитекти, историчари на уметноста), да се зафатат со проблемите на конзервацијата и реставрацијата на недвижното културно наследство. Ја користам оваа прилика да изразам благодарност на колегите Ристо Петковски и Мишо Милојевиќ, за нивната несебичност, за сето тоа кое го научив од нив во текот на нашите заеднички активности, за проблемите во текот на конзервирањето и понатамошно подржување во текот на реализацијата на други проекти. Особено сакам да се заблагодарам на колегата Јулиј Фрков, на разбирањето, советите, големото поддржување и решавање на одредени проблеми во текот на пишувањето на книгата.
Trajce Nacev (Wed,) studied this question.