Адхеренцијата (придржувањето кон пропишаната терапија) претставува клучен фактор во менаџирањето на хроничните заболувања, како што е астмата. Постојат различни методи за следење на адхеренцијата кон терапијата со лекови. Прашалниците се практични алатки кои овозможуваат проценка на адхеренцијата и техниката на користење инхалатори од перспектива на пациентите. Целта на овој труд е да се опише процесот на превод и културолошка адаптација на два инструменти - Medication Intake Survey for Asthma (MIS-A) и Inhaler Technique Questionnaire (InTeQ) - со цел проценка на адхеренцијата и примена на правилна техника на инхалација кај пациенти со астма во Р. Северна Македонија. Процесот е реализиран според насоките од Меѓународното здружение за фармакоекономија и резултати од здравствени истражувања (International Society for Pharmacoeconomics and Outcomes Research - ISPOR) и вклучува двоен превод (forward-backward), ревизија, когнитивно тестирање со 28 пациенти и финализација на прашалниците. Процесот на адаптација резултираше со идентификација на мали јазични и културолошки разлики во текстот, кои беа коригирани. Валидацијата на адаптираните прашалници резултираше со високи вредности за внатрешна конзистентност, што укажува дека двата прашалника се валидни и сигурни инструменти за добивање на прецизни и доверливи резултати. Пациентите ги оценија прашалниците како јасни, разбирливи и корисни за подобрување на нивната техника и придржување кон терапијата. Ова е прво адаптирање на вакви алатки на македонски јазик, што овозможува нивна понатамошна употреба во клинички и истражувачки контекст. Развиените верзии се валидни алатки за следење на однесувањето на пациентите со астма, што може да придонесе кон унапредување на здравствената грижа во земјата.
Miceva et al. (Sat,) studied this question.