Пробиотиците претставуваат живи микроорганизми кои кога се администрираат во соодветна количина покажуваат поволен ефект врз здравјето на домаќинот. Како додатоци во исхраната, пробиотиците имаат широка употреба при различни медицински состојби, особено при гастроинтестинални нарушувања. Целта на ова истражување е да се направи преглед на објавени студии спроведени во различни држави кои ги анализираат карактеристиките на населението и нивните ставови поврзани со употребата на пробиотиците. Резултатите од истражувањата покажуваат значителна варијабилност во однос на познавањата на населението за пробиотиците, индикациите за нивна употреба, очекувањата од здравствените работници, како и други ставови и искуства кои ги има населението. Така, во Унгарија 73,9% од испитаниците имале употребувано пробиотици, а 62,8% препораката ја добиле од лекар. Во Турција, пак, 45,8% од испитаниците употребувале пробиотици, од кои само 16,3% како суплемент, а останатите внесувале пробиотици преку храна. Повеќето истражувања укажуваат на значајна поврзаност на степенот на образование на испитаниците со нивните познавања за терминот пробиотици. Според податоците од истражувањата, фармацевтот има споредна улога во препораката и информирањето за пробиотиците, со оглед на тоа дека како најчест извор на информации и препорака за употребата на пробиотици испитаниците наведуваат лекар, пријател или интернет. Недостатокот од истражувања од ваков тип во нашата земја укажува на потребата од спроведување на национална анализа за утврдување на познавањата, навиките и ставовите поврзани со употребата на пробиотици кај популацијата на Република Северна Македонија. Резултатите од едно вакво истражување можат да дадат значаен придонес во унапредување на јавното здравје, детектирање на целни групи за едукација и промоција на рационалната и безбедната употреба на пробиотиците.
Janevski et al. (Sat,) studied this question.